Елиф Елмас се уште е во исчекување на следниот чекор во кариерата, но едно е јасно, во Лајпциг не сметаат сериозно на македонскиот репрезентивец и се подготвени да го продадат во текот на овој преоден рок. Елмас мина само една година во дресот на Лајпциг, последните шест месеци беше на позајмица во Торино, а токму овој италијански прволигаш е фаворит и во трката за перманентен потпис на „дијамантот“.
Италијанските медиуми тврдат дека Елмас веќе ја искажал својата желба – Торино да биде негов клуб во наредните неколку сезони, сигнал што управата на овој клуб го искористила за да ги обнови преговорите со Лајпциг. Во договорот за позјамица имаше клаузула за откуп во висина од 17 милиони евра, сума што италијанскиот тим ја смета за превисока, поради што клаузулата не беше активирана, а Елмас подготовките за новата сезона ги стартуваше во Лајпциг.
Торино веќе ја испрати и првата официјална понуда, во висина од 12 милиони евра, но истата била одбиена од страна на Лајпциг. Германците се подготвени да го продадат Елмас и да остварат загуба откако пред 18 месеци го доведоа за 25 милиони евра од Наполи, но челниците на Лајпциг сметаат дека понудата на Торино е прениска за овој трансфер да биде реализиран.
Лајпциг бара 15 милиони евра за македонскиот „дијамант“, а кај двете страни постои оптимизам дека ќе биде најден заеднички јазик за да се исполни и желбата на самиот фудбалер, па Елмас да продолжи да ги брани боите на Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

