Лајпциг е решен да го продаде Елиф Елмас во овој преоден рок, но македонскиот фудбалер нема намера да замине во клуб што нема да му биде по мерак. Напротив, последните информации од Италија говорат дека Елиф веќе одби две интересни понуди, јасно ставајќи до знаење дека сака кариерата да ја продолжи – во Торино.
Елмас одлично се снајде при шестмесечната позајмица во вториот дел од ланската сезона, па веќе ставил до знаење дека сака по секоја цена да се врати назад во овој клуб, без разлика дали со перманентен трансфер или со нова позајмица.
Информацијата стигнува десетина часа откако челниците на Торино истакнаа дека Елмас е многу тешко достижен за овој калчолигаш. Ова се оценува како дополнителен притисок врз Лајпциг, да ја спушти цената што ја бара или да ја отвори опцијата за нова позајмица, која е уште поинтересна за „торинезите“.
Лајпциг имал напредни преговори со два клуба, но двата биле стопирани откако Елмас јасно ставил до знаење дека за него единствена опција летово е камбек во Торино, пишуваат медиумите на Апенинскиот полуостров.
Останува да се види реакцијата на германскиот клуб, кој во ситуација на необезбедено учество во ЛШ ќе мора да ги намалува трошоците, а Елмас е еден од фудбалерите за кои се најавува дека сигурно ќе си заминат до крајот на преодниот рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

