Елмас за првите свои денови во репрезентацијата: „Џани не ме примаше во соба, Нестор ми велеше дека на Шпанците како ‘куче’ ќе им ја бркам топката…“

Во очекување на натпреварот со Италија во сабота од 20:40 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје, еден од најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас, кој против Англија го одбележа својот 50-ти јубилеен настап во дресот на Македонија, со свои сеќавања за првите денови во репрезентацијата и неговото деби во националниот дрес.

Во разговор за официјалниот канал на ФФМ, Елмас ги сподели моментите од неговото прво приклучување на А-репрезентацијата, и првите средби со Џани Алиоски, со Несторовски, и со останатите поискусни репрезентативци…

„Кога на 18 години бев повикан во репрезентација, на првиот ден ми беше кажано дека цимер ќе ми биде Џани Алиоски. Јас реков добро, во ред нема проблем, и се упатив кон собата. Тропнав на вратата и ми отвори Џани онака поспан само прашувајќи ме: ‘Кој си бре ти?’. Му кажав дека сум млад фудбалер нов во репрезентацијата и дека треба да бидам со него во соба, а тој само одмавна со раката велејќи: „бегај, бегај…, нема да си овде“. Добро, се насмеав, и повторно отидов до рецепција кај менаџментот на репрезентацијата и им кажав дека Алиоски не ме прима во соба. Потоа со мене се врати и тогашниот менаџер на репрезентацијата Боки, и повторно на врата се вративме кај Џани. Тогаш Алиоски само прокоментира: „Тој треба да е тука? Добро, ајде влези“ – низ смеа раскажува македонскиот „дијамант“.

Елмас ја сподели и приказната за првата средба со останатите поискусни репрезентативци, пред неговото деби со Шпанија.

„На првиот ручек со репрезентацијата пред моето деби со Шпанија, седнав каде што најдов место така на крај од масата, на самиот ќош, до мене беа Буба Хасани, Остоја Стјепановиќ, Бесарт и Нестор. И нормално, како млад и нов репрезентативец сите сакаа да се шегуваат со мене. Нестор постојано ми зборуваше дека сега ќе дебитирам против Шпанија и ќе трчам само по топката по Шпанците како ‘куче’… Но, јас му одговорив не планирам да трчам по никого, затоа што и тие се луѓе од крв и месо како нас. Му реков нека тие трчаат по мене. Несторовски беше малку зачуден нагласувајќи ми „дете, па ти си лудо“… Но, тој сум јас, секој си знае за себе, а јас знам дека може да играме и бидеме подобри од секого“ – вели Елиф Елмас.

Се вчитува...