Унаи Емери го продолжува трендот на носење на играчи кои не се преголеми ѕвезди и во Арсенал, договарајќи трансфер на француски младински репрезентативец за сума од седум милиони фунти. Шпанскиот стратег со таква стратегија бележеше одлични резултати во Севилја, потоа во ПСЖ се докажа дека не се снаоѓа најдобро крај бројни мегаѕвезди, па не е изненадување што Емери се врати на старите навики од самиот почеток на својата авантура во Арсенал.
Францускиот фудбалер Матео Гвендузи ќе биде нов член на „топчиите“ откако лондонскиот клуб го договори неговиот трансфер вреден седум милиони фунти. Станува збор за играч за врска кој е младински репрезентативец на „триколорите“, а фактот дека досега настапуваше за второлигашот Лориен не му пречи на Емери, кој смета дека Гвендузи поседува фантастичен потенцијал. Младиот Французин утре ќе пристигне во Лондон на лекарски прегледи, а потоа и на потпис со новиот клуб, каде го очекува жестока конкуренција за место во првиот тим.
Арсенал досега ги ангажираше Бернд Лено, Сократис Папастатопулос и Штефан Лихтштајнер, а во следните денови се очекува да биде комплетиран и трансферот на Уругваецот Тореира од Сампдорија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА