Унаи Емери денеска и официјално потпиша договор како нов менаџер на Арсенал, наследувајќи го на оваа одговорна функција Арсен Венгер. Шпанецот кој доаѓа во Лондон по двогодишната авантура во ПСЖ со нетрпение го очекува новиот предизвик во кариерата.
„Воодушевен сум бидејќи доаѓам во еден од најголемите клубови во светот на фудбалот. Станува збор за тим што е добро познат во светот, препознатлив по стилот на игра но и по начинот на кој им дава шанса на помладите фудбалери. Сега имам одговорност, да почнам ново поглавје во историјата на Арсенал. За мене е голема чест, но и одговорност да бидам наследник на голем тренер како Арсен Венгер. Можам да кажам дека играта ќе се базира на пресинг по целиот терен, се со цел ние да бидеме тимот со поголем посед на топката во однос на противникот“ – изјави Емери на својата прва прес-конференција како менаџер на „топчиите“.
Првиот оперативец на клубот, Иван Газидис, откри зошто изборот за нов тренер паднал токму врз шпанскиот стручњак.
„Имавме листа од осум стратези кои ги зедовме во предвид при потрагата за наследник на Венгер. Имаше најразлични критериуми, а Емери одлично се совпаѓаше во сето она што ние го баравме од нашиот нов менаџер. На состанокот дојде максимално подготвен, со детални анализи за секој фудбалер поодеално, нивните квалитети и начинот на кој мисли дека може да ги направи уште подобри, но и да го направи нашиот тим многу подобар. Начинот на кој говореше, се чувствуваше неговото фудбалско познавање и во тој момент знаевме дека тој е вистинскиот стратег за Арсенал“ – истакна Газидис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА