Петр Чех не делуваше најсигурно на голот на Арсенал при поразот од Манчестер сити, ветеранот за малку ќе си постигнеше и смешен автогол, па дел од јавноста гласно побара од Унаи Емери да го стави летното засилување Бернд Лено на голот веќе од второто коло. Претстојниот викенд Арсенал игра нов дерби дуел, овојпат на гостински терен против Челси, но Емери наспроти барањата на јавноста донесе одлука да не прави рокада на голманската позиција.
„Јас сум задоволен од она што Чех го покажа против Манчестер сити. Тој има искуство, квалитет и капацитет да биде наш прв голман, исто како и Бернд Лено, имаме двајца одлични голмани и секој од нив може да одговори на она што се бара. Одлуката за сабота е лесна – Петр Чех останува на голот, верувам во него, дури и доколку направи грешка ќе продолжам да верувам“ – истакна Емери.
Добра вест за стратегот на „топчиите“ е што Начо Монреал се враќа по повредата, па Шпанецот ќе ја пополни позицијата лев бек што е максимално проблематична по повредите на Колашинац и на Меитланд – Најлс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА