Поранешниот наш најдобар фудбалски судија, Емил Божиновски кој долго години беше на главната листа на меѓународните судии на УЕФА, денес еден од најпознатите контролори, ќе го оценува судењето на дерби мечот од А-2 групата во Лига на нации меѓу Шпанија и Португалија што ќе се одигра на 2 јуни во Севилја.
Средбата ќе ја суди еден од најдобрите судии од Англија Мајкл Оливер, кој инаку е делегиран да суди и на светското првенство во Катар. Покрај Шпанија и Португалија, во оваа група се уште Швајцарија и Чешка. Емил Божиновски е доста почитуван во судиската комисија на УЕФА бидејќи ги контролира судиите на најтешките натпревари во европските купови. Пред патот за Севилја, беше контролор на полуфиналната реванш средба во Лига на Европа во Франкфурт меѓу Ајнтрахт и Глазгов Ренџерс.
Македонскиот млад интернационален судија Игор Стојчевски кој е втора година на главната листа на ЕУФА, се наоѓа во Израел каде е еден од главните судии на Европското првенство за играчи до 17 години, заедно со помошниот судија Даниел Василевски. Тој досега беше главен судија на натпреварите: Холандија-Бугарија 3:0, Германија-Луксембург 3:0 и Данска-Португалија 3:1. Во неделата беше четврти судија на полуфиналниот меч меѓу Франција и Португалија. Тој и натаму е еден од кандидатите да суди финале или меч за третото место. Досега, од Израел си заминаа судии од Романија, Исланд, Финска, Велс и Франција, како и помошните судии од Бугарија, Чешка, Естонија и Албанија, кои не задоволија со својата арбитража./М.М/
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА