Емил Божиновски контролор на мечот Холандија-Шпанија, Ива Пројковска ќе и суди на Барселона

Поранешниот македонски фудбалски судија, последниве години еден од најпознатите контролори на меѓународната сцена, Емил  Божиновски, ќе го контролира судењето на дерби мечот од четвртфиналето на Лигата на нации меѓу Холандија и Шпанија што ќе се одигра  во Ротердам на 20 февруари. Во преостанатите три четвртфинални средби се среќаваат: Италија – Германија, Данска – Португалија и Хрватска – Франција.

Судиската комисија на УЕФА не ја заборави и нашата најдобра судијка Ива Пројковска, која се наоѓа во групата на 20 елитни судии во Европа. Таа ќе биде главен судија во четвртфиналето на Лигата на европските шампиони за жени на натпреварот меѓу германскиот претставник Волфсбург и првакот на Шпанија, Барселона што ќе се одигра на 19 март. Ќе и помагаат Сташа Спур од Словенија и Хеини Хивонен од Финска. Четврти судија е  Алина Песу од Романија.

Од 19 до 25 февруари младиот судија Јован Качевски и асистент судија Кристијан Џонов ќе судат на елитните квалификации за настап на Европското првенство, фудбалери до 19 години што ќе се играат во Тбилиси во Грузија.

На турнирот ќе  настапат репрезентациите на Полска, Грузија, Словачка и Црна Гора. Победникот на турнирот ќе игра на Европското првенство. Покрај македонските судии во Тбилиси ќе судат и по двајца судии од Казахстан, Хрватска и од Грузија. За Кристијан Џонов ова ќе биде деби на европската фудбалска сцена бидејќи годинава стана меѓународен асистенст судија.

М. М.

Се вчитува...