Емил Божиновски контролор на мечот Лил-Салцбург

Нема одмор за нашиот поранешен најдобар фудбалски судија, денес успешен контролор на главната листа на УЕФА Емил Божиновски. Доби нова задача, ќе го контролира судењето на мечот од групната фаза за Лигата на шампионите меѓу францускиот Лил и Салцбург кој директно одлучува за првите две места во нивната група. Средбата се игра во Лил на 23 ноември. Интересно е патешествието на Божиновски до Лил. Тоа го одредува УЕФА со испраќање на авионски билети. Со авион ќе патува од Скопје до Варшава, потоа до Париз, за да продолжи до Лил со брз воз, за кој има добиено и карта со број на седиште во возот.

Во групната фаза од Лигата на шампионите ќе биде ангажиран и раководителот за безбедност во ФФМ Роберт Марковиќ. Тој ќе патува за Белгија каде ќе биде одговорен за безбедноста на мечот меѓу Бриж и Лајпциг. Мечот се игра на 24 ноември.

Покрај Ива Пројковска, на главната листа на УЕФА за женски фудбал се наоѓа и прилепчанката Ирена Велевачкоска. Од страна на Судиската комисија на УЕФА одредена е за главен судија на квалификациониот меч за светското првенство меѓу Кипар и Белорусија на 26 ноември во Ларнака. Ќе и помагаат Елена Соклевска-Илиевска и Вјоса Изеири. Четврти судија ќе биде Марија Коневска./М.М/

Се вчитува...