Емил Божиновски контролор на Барселона на стартот од Лигата на шампионите

Нашиот поранешен најдобар фудбалски судија Емил Божиновски, денес мошне влијателен контролор на меѓународните натпревари, доби нова задача од Судиската комисија на УЕФА. На 7. септември, тој ќе го контролира судењето од првото коло во групната фаза од Лига на шампионите меѓу Барселона и Викторија Плзен од Чешка. Ова е вторпат откако е на контролорската листа на УЕФА ,Божиновски да го контролира судењето на шпанскиот фудбалски гигант. За првпат тоа беше на мечот Барселона – Спортинг Лисабон.

Во својата богата судиска кариера Емил Божиновски има судено на шпанските клубови Вилјареал, Сарагоса и Севилја. Тогаш му беа помошници Зоран Јосифов, Мијалче Михајлов, Беким Баута,често и Бранко Манојловски.

Можеби за нашите читатели ќе биде интересен и овој пoдаток. На 19 октомври 2011 година нашиот сегашен најдобар судија, интернационалецот Александар Ставрев исто така го судеше мечот Барселона-Викторија Плзен /2:0/ во групната фаза од Лига на шампионите. Му помагаа Марјан Кировски и Љубомир Крстевски, четврти судија беше Дејан  Јакимовски, зад двата гола помагаа Димитар Мечкаровски и Горан Спирковски. На тој меч од активно судење поради годините се прости битолчанецот Љубомир Крстевски, тоа го дознаа и претставниците на Барселона. По завршувањето на мечот во судиската соблекувална дојде претседателот на Барселона и на Крстевски, за спомен на овој ден му подари дрес на клубот со потписи на сите играчи кои настапиле на тој натпревар, меѓу кои и Меси, Чави, Иниеста… Навистина прекрасен подарок и убаво внимание на шпанскиот клуб. /М/М/

Се вчитува...