Каратистот Емил Павлов и ракометарката Сара Ристовска се најдобри спортисти на Македонија, во изборот на Агенцијата за млади и спорт. Главните награди ги доделија премиерот Зоран Заев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. Награда даде и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Можеби и малку повеќе од потребно политика, при изборот на најдобрите во македонскиот спорт.
„Ја имам таа посебна чест да објавам дека најдобар спортист на Македонија за 2018 година е избран Емил Павлов – карате“, изјави премиерот Зоран Заев.
Каратистот Емил Павлов стана европски шампион во борби во категоријата до 60 килограми. Тој е првиот спортист кој освоил европско одличје во олимписки спорт. Убава најава за следните ЛОИ 2020 година.
„По вторпат станав европски првак, но овојпат откако каратето е веќе олимписки спорт, што дава голема мотивација да работиме напорно и да се подготвуваме за ЛОИ 2020. Сакам да заблагодарам на моите тренери, селекторите, претседателот на Карате Федерацијата на Македонија и сите кои имаат и најмал удел во моите успеси“, изјави каратистот Емил Павлов.
Ракометарката Сара Ристовска со РК Вардар настапи на фајналфор – турнирот во Лигата на шампионите. Потоа направи трансфер во словенечкиот клуб Крим со кој оваа година исто така играше во ЛШ. Таа е еден од лидерите во македонската ракометна репрезентација, која се избори за бараж за настап на СП.
Најдобар македонски репрезент во странство е Кире Лазаров, капитенот на ракометната репрезентација и член на Нант, а лауреати на манифестацијата се и ракометните репрезентации на Македонија, Карате-федерацијата на Македонија, Оливера Наковска-Бикова…
ЛАУРEАТИ ВО ИЗБОРОТ НА АМС ЗА НАЈДОБАР СПОРТИСТ
НАЈУСПЕШЕН СПОРТИСТ: Емил Павлов (карате)
НАЈУСПЕШНА СПОРТИСТКА: Сара Ристовска (ракомет)
НАЈУСПЕШЕН СПОРТИСТ ВО СТРАНСТВО: Кирил Лазаров (ракомет)
НАЈДОБАР МЛАД СПОРТИСТ: Фахик Весели (карате)
НАЈДОБРА МЛАДА СПОРТИСТКА: Анамарија Георгиевска (таеквондо)
НАЈУСПЕШЕН МАШКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Ракометна репрезентација
НАЈУСПЕШЕН ЖЕНСКИ НАЦИОНАЛЕН ТИМ: Ракометна репрезентација
НАЈУСПЕШНА ФЕДЕРАЦИЈА: Карате федерација на Македонија
НАЈУСПЕШЕН ТРЕНЕР: Сашко Арсовски (карате)
НАЈУСПЕШЕН СПОРТИСТ СО ИНВАЛИДИТЕТ: Оливера Наковска-Бикова (стрелаштво)
НАЈУСПЕШЕН КЛУБ УНИВЕРЗИТЕТИ: Мал фудбал УКИМ
НАЈУСПЕШЕН КЛУБ СРЕДНИ УЧИЛИШТА: „8 Септември“ – Тетово
НАЈУСПЕШЕН КЛУБ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА: „Тефејуз“ – Чаир
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА