ЦСКА Москва доведе квалитетно засилување за наредната сезона откако клубот на чија клупа седи Емил Рајковиќ го осигура потписот на Амат Мбаје, кошаркарот кој доаѓа во Русија од редовите на Анадолу Ефес.
Францускиот репрезентативец првиот европски ангажман го имаше на 27-годишна возраст, настапуваше за Бриндизи, Олимпија и Виртус во Италија, потоа за Каршијака и за Анадолу Ефес во Турција, за летово по истекот на договорот со двократниот европски првак да ја прифати понудата за преселба во Русија. Мбаје настапува на позицијата крилен центар, а минатата сезона во турското првенство имаше просек од 12,1 поени и 5,3 скокови по натпревар.
„Аман Мбаје е универзален кошаркар кој веќе се има докажано на меѓународнатља сцена и верувам дека ќе ни биде од голема помош во ЦСКА. Најдобро се снаоѓа на „позицијата четири“ и со својот шут ќе ни помогне да ја рашириме противничката одбрана. Му посакувам што побрзо да се вклопи во нашето семејство и да стане значаен дел од нашиот тим“, изјави Емил Рајковиќ.
ЦСКА Москва летово остана без двајцата српски репрезентативци, Никола Милутинов потпиша за Олимпијакос, додека Дејан Давидовац по една година во ЦСКА се врати назад во Црвена Звезда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

