ЕМОФ Скопје 2025 стартуваше со светски рекорд во скок со стап

По спектакуларната церемонија на свеченото отворање, започнаа и спортските возбудувања на Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025. Младите олимписки надежи од цела Европа ги имаа своите први настапи на спортските борилишта ширум главниот град и во Куманово, испраќајќи силна порака за единство, спортски дух и иднина полна со потенцијал.

Во фокусот на првиот натпреварувачки ден беа финалните дисциплини во атлетика, каде што се случи историски момент: беше соборен светски рекорд во скок со стап за девојки до 17 години. Естонката Алика Инкери Мозер со прескокнати 4,52 метри постави нов светски рекорд, надминувајќи го претходниот од 4,51 метар. Сребрениот медал ѝ припадна на Моана Пејрард од Франција, која скокна 4,05 метри, а бронзата ја освои Анастасија Бумпулиди од Грција со скок од 3,95 метри.

Медалите на првата официјална церемонија на ЕМОФ Скопје 2025 ги врачи Спирос Капралос, Претседател на Европските олимписки комитети, додека Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет, на секоја од медалистките ѝ подари маскота – симбол на фестивалот и вредностите што го обединуваат.

Првиот ден го одбележа и Турчинката Елиф Берфин, која со 421,2 остварени круга постави европскиот рекорд во стрелаштво, гаѓање со воздушен пиштол на 10 метри. Анастасија Живковиќ од Србија го освои второто место, додека третото место го обезбеди Миа Грош од Австрија.

Одличен старт за македонските пливачи: Државен рекорд и лични најдобри времиња

Првиот натпреварувачки ден донесе и одлични индивидуални настапи за македонските пливачи, со нови државни и лични рекорди во повеќе дисциплини. Дамјан Станковски постави државен рекорд до 14 години на 200 м градно со време 2.35:41 мин, соборувајќи го досегашниот резултат 2.37.90.

Лични рекорди на возраст до 15 години поставија Даниел Милошевски на 400 метри слободно (4:25:11 мин), Никола Велковски на 400 м градно (4:21:50 мин) и Михаил Алексовски на 200 м градно (2:38,01 мин), како и Милан Јанковски на 100 м грбно на возраст до 14 години. Единствена нашата натпреварувачка која избори пласман во полуфиналето е Неда Миленковска на 200 метри пеперутка.

Се вчитува...