Емотивна пресметка во Џексонвил: По жестоката борба во „кафезот“, крвави оплакуваа убиено девојче

Синоќешната борба од УФЦ настанот во Џексонвил меѓу Американецот Волт Харис и легендарниот Холанѓанец Алистер Оверем мина под силен емоционален набој поради неодамнешната смрт на ќерката на Харис.

Борбата меѓу двајцата требаше да се одржи минатата година, но Харис ја прекина кариерата откако во ноември минатата година беше пронајдено телото на неговата посвоена ќерка Анија Бланшар која еден месец претходно се водеше како исчезната. Таа беше киднапирана во супермаркет во Алабама, а потоа и убиена од огнено оружје.

Пред синоќешниот меч Харис испрати и емотивна порака.

„Секогаш се прашувам што можев да направам. Секогаш се трудите во животот да направите како што треба, а потоа во некои ситуации се чувствувате беспомошно. Бев на многу мрачно место, секоја ноќ во солзи, секоја ноќ ја слушав како ми зборува, како ме теши. Од тогаш знаев дека не треба да застанам и да продолжам на вистинскиот пат, а тоа е да продолжам да се борам“.

А, кога почна борбата се чинеше дека Харис ќе и посвети голема победа на Анија, затоа што Оверем во првата рунда беше во нокдаун. Но, тој се извлече и веќе во втората рунда победи со технички нокаут.

По техничкиот нокаут, судијата го прекина краткиот но жесток меч. По борбата Оверем воодушеви со својот однос. Не ја славеше тешко изборената и важна победа, туку се спушти на подот, се потпре на емотивно потрошениот и тажен Харис, го прегрна и го повика во иднина заедно да тренираат.

Се вчитува...