ЕМОТИВНО СЕЌАВАЊЕ – Славната генерација на Вардар од 2003 и легендарните мечеви против ЦСКА Москва и Спарта Прага – само на еден гол од Лигата на шампионите! (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гости членовите на златната вардарова генерација од 2003 година и поранешни македонски репрезентативци Влатко Грозданоски и Никола Ѓошевски.

И двајцата оставија силна трага во црвено-црниот дрес, издвојувајќи се и како носители на тимот низ оние златни шампионски денови во 2003 година и легендарните натпревари против тогаш моќните ЦСКА Москва и против Спарта Прага.

Вардар не успеа да се пласира во групите од Лигата на шампионите само поради еден нерегуларен гол на фудбалерот на Спарта Прага, Глушчевич во Скопје со кој Чесите, тогаш со извонреден тим воден од Поборски, Немец…, победија со 2-3. На реваншот во Прага беше 2-2, и покрај бројни шанси на Вардар да дојде и до победа.

„Штета што Марио Петков во 90 минута не успеа да даде гол во Прага за 2-3… И, тоа што судијата не го поништи голот што го даде Глушчевич во Скопје. Голманот Зекир беше на статива и го местеше живиот ѕид, а тој шутна на празен гол и даде гол. Не знам дали да имаше ВАР ќе беше поништен тој гол. Мислам дека немаше сигнал за да се шутира, но беше тогаш дозволено произволно изведување и без судиски знак. Јас не знам навистина ден-денеска дали тој гол беше регуларен или не. Недостасуваше само малку среќа, ништо друго“ – се потсетува Никола Ѓошевски, кој беше и капитен на Вардар во тие години и дополнува:

„Тоа беа едни наши најдобри моменти во Вардар, таа наша генерација: Васовски, Грозданоски, Оливеира, Вандаир, Брага, Захариевски, Драган Начевски, Веселиновски, Марио Петков, Сашо Јанев, Славчо Георгиевски – Тупан. Златна генерација која што прво беше селектирана од Ѓоко Хаџиевски, а потоа беше и продолжена со тие успеси со Зоран Стратев. За мене феноменални сеќавања“.

А, претходно Вардар ја елиминираше големата ЦСКА Москва. Таа елиминација на рускиот гигант е издвоена, без сомнение од сите љубители на спортот, како најголем момент за македонскиот клупски фудбал во историјата. Во тоа време квалификациите за Лигата на шампионите беа исклучително тешки, не е како денес каде квалификациите се поделени по квалитет на лиги. Тогаш за да се дојде до групна фаза од ЛШ требаше да се минат буквално европски гиганти… А, ЦСКА Москва беше еден таков, во тимот со Гусев, со Березутски, Попов, Акинфеев, а предводен од легендарниот руски тренер Газаев… Еден од најдобри клубови во Европа…

Постарите велат дека поголема еуфорија во Македонија по победата од 1-2 во Москва немало никогаш…. Влатко Грозданоски беше херојот во победата на Вардар во Москва. Стрелец на првиот гол за 0-1, мајсторски погодувајќи по брз контранапад, а на вториот одлично му асистираше на Вандаир за 0-2…

„Ние тргнавме во Москва, одиме натаму со мисла дека сигурно губиме. Сe сеќавам првите 20 минути, ЦСКА Москва има дваесет шанси за гол, не сака да влезе. А, потоа ние водиме 0-2, девеесетта минута среде Москва. Сe сеќавам тука имаше радио пренос, мислам дека луѓето, не ми се веруваше. На крајот примивме гол од корнер, 92 минута, некоја гужва. Но, тоа беше огромна победа….. Потоа се вративме тука. Не ставија во карантин седум дена, на Средно Водно, ни ги зедоа телефоните…“ – вели Ѓошевски.

Вистина ли е тоа дека и Брацо се криел од газдата на ЦСКА Москва, кој допатувал во Скопје со приватен авион и со куферче некое во обид да го купи натпреварот?

„Имаше такви шпекулации, ние тоа како фудбалери. До нас како фудбалери никој не се обиде да пријде. Но, имаше шпекулации дека управата на ЦСКА нешто се обидувала на таков начин, но Вардар не ни размислуваше за такво нешто. А, дали Русите се обиделе не знаеме дали е вистина или не. До нас немаше, бидејќи ние бевме седум дена во карантин на Средно Водно, и нашата комуникација со нашите најблиски беше преку фиксен телефон од соба. Но, беше огромна еуфорија. Знаевме дека три дена пред да почне мечот тоа беше најава дека има голем меч. Мислам градот живееше за тоа,и сеќавам на денот кога се спуштивме на самиот натпревар, два и пол часа пред да почне мечот, стадионот беше скоро полн. И 1-1 заврши тој меч дома. Нешто неверојатно!!! Тоа се тие едни, еден период на едни добри времиња за Вардар тогаш, со една добра генерација, нели, после тоа секој си го најде својот пат, со сериозни трансфери. Васовски отиде во Ајнтрахт Франкфурт, јас во Ред Бул Салцбург, а Драган Начевски во Офи Крит, Грција, и останатите речиси целиот тим. Мора да сме свесни дека успесите прават трансфери, успесите на клубот и успесите на репрезентацијата!“ – вели Никола Ѓошевски.

=============================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВЛАТКО ГРОЗДАНОСКИ И НИКОЛА ЃОШЕВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...