„Ендуро Тим Водно“ ги претстави возачите за првенството во Серес

„Ендуро Тим Водно – Скопје“ на денешната прес конференција ги претстави возачите Игор Спиров „Зизи“ и Христијан Бузалковски за претстојното првенство БМУ Европски брзински мото шампионат.  Првенството почнува и завршува во Серес, Грција (07-09 април, 27-29 октомври 2017), а ќе има вкупно 14 трки во 9 натпреварувачки викенди. Мото клубот „Ендуро Тим Водно – Скопје“, очекува сезона со позитивни резултати во силното меѓународно натпреварување, во кое што ќе учествуваат натпреварувачи од сите земји во регионот (Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Турција, Романија и Македонија).

Игор Спиров дебитира во класата Ф 1000, а минатите сезони возеше во класата Ф 600. Кариерата ја почна на патеката во Кичево 2008 година, потоа настапуваше во рамките на Источноевропскиот шампионат. Во 2012 година беше четврти во генералниот поредок со само 3 бода зад третопласираниот возач, во конкуренција на 38 натпреварувачи.

20170330_120025

„Оваа сезона ќе имам нови предизвици, прв пат ќе се натпреварувам во Ф 1000, тоа е најсилната конкуренција. Имам голема поддршка и помош од тимот на Ендуро и спонзорите, се надевам дека и овој пат ќе бидам блиску до пиедесталот, како и минатите сезони. Се чувствувам одлично, и јас и моторот сме подготвени за предизвиците, ни останува со малку спортска среќа да стигнеме и да ги надминеме очекувањата.“ – изјави Спиров.

Христијан Бузалковски веќе се натпреваруваше во овој шампионат, претходните две години. Во сезоната 2015 година беше третопласиран во вкупниот поредок и беше избран за дебитант на сезоната. Минатата година беше шестти во вкупниот поредок, од 18 возачи, но  проблемите со повредата здобиена на првата трка го спречи целосно да го покаже својот потенцијал.

 

Се вчитува...