Иднината на Енис Барди е надвор од Трабзонспор и само прашање на време е кога македонскиот капитен ќе го напушти таборот на поранешниот турски шампион. Последните информации говорат дека Барди би можел дури и да заигра во Лигата на Шампионите во вториот дел од сезоната откако Динамо Загреб пројавил интерес да го доведе одличниот плејмејкер во своите редови.
„Модрите“ слабо ја почнаа сезоната и се во трка со Ријека и со Хајдук за шампионската титула, а управата на клубот најавила неколку засилувања во јануарскиот преоден рок. За Барди најсериозен интерес досега појавуваше Хатајспор, но последните информации од Турција говорат дека овој клуб добил сериозна конкуренција од Хрватска, и тоа токму од шампионот Динамо Загреб.
Тренерот Бјелица го водеше Трабзон и добро е запознаен со квалитетите на Енис Барди, па токму овој стратег бара нашиот репрезентативец да се пресели на „Максимир“ и да им се приклучи на Ристовски и на Адеми во таборот на „модрите“ од Загреб. Фактот дека тој може да дојде без никаква отштета го прави Барди исклучително интересен за Динамо, па се очекува преговорите да се интензивираат во наредните денови, за Енис на почетокот од јануари да се пресели на „Максимир“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА