ЕКИПА во Гибралтар
Владимир Булатовиќ
Капитенот Енис Барди уште еднаш го потврди сиот свој квалитет и на натпреварот против Гибралтар во 2. коло од Групата 4 во Ц-Лигата на нации, запишувајќи и прекрасен погодок во македонската победа од 0-2.
Барди беше прогласен за најдобар поединец на натпреварот во Разград против Бугарија, а беше сигурно најзабележителниот во македонскиот состав со уште еден дуел од 90 исцрпувачки минути и на југот од Пиринеите.
„Да ви кажам искрено знаевме дека ќе биде тежок натпревар под едни навистина тешки услови за игра, затоа што добро го знаеме тој терен и од пред четири години. Кога се ќе се сумира најважно е што заминуваме со победа. Фала му на бога што заминуваме и неповредени од тој лош терен за игра и што е остварена целта – трите бода“ – вели Барди пред заминувањето на селекцијата за Скопје.
Македонската репрезентација денеска заминува од Гибралтар кон шпанска Малага од каде во 12 часот со чартер лет продолжува кон Скопје.
Третиот натпревар од јунскиот собир во Лигата на нации Македонија го игра против Грузија на домашен терен во Скопје во четврток (9. јуни).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА