Енис Барди капитенски: „Секоја чест на одбраната и на Столе… Браво!“

ЕКИПА во Гент,

Горан Бошев

Капитенот Енис Барди е свесен дека Македонија одигра исцрпувачки натпревар со европскиот гигант Белгија, за да дојде до реми кое не остава со сонот за пласман на Светското првенство 2026.

Барди, како што ни изјави веднаш по мечот во Гент, ова за него бил еден од најтешките натпрвари последниве години. Но, со силна благодарност за одбраната и за Столе Димитриевски, онака капитенски истакна пофалби за македонските дефанзивци кои водеа до бодот.

„Ова беше можеби еден од најтешките натпревари за мене и за сите нас во последниве неколку години. Но, одигравме борбено и со срце, бевме одлично поставени и заслужено дојдовме до бодот. Секоја чест на одбраната и на Столе. Покажаа навистина срце и храброст, и беа столбот на овој успех. Може да му честитам на Столе и посакам да ги издржи сите овие неправди кои се случуваат во Валенсија затоа што навистина заслужува да биде прв голман во Валенсија. И верувам со ваквите изданија во репрезентација ќе видат тие во клубот дека грешат“ – ни изјави Барди и дополни.

„Сега ни следи дуелот со Казахстан. Носиме некој позитивен притисок пред тој меч, но играме дома пред нашите навивачи и тоа ни е дополнителна сила и мотив за да дојдеме до победа. Очекуваме силна поддршка од трибините и со целата нивна поддршка да дојдеме до три бода за задржување на првото место во групата“.

Се вчитува...