Енис Барди: Л-И-Д-Е-Р!

Чести се темите кој и колку е најдобар фудбалски, врз основа на погледнатото само низ оние 90 минути на терен. И секогаш заклучокот за поединецот се носи само низ призмата на ефектот на зелениот терен – голови, асистенции, истрчани километри… А, сигурно епитетот најдобар бара малку подлабок темел од само терен?

Енис Барди можеби не е најдобриот фудбалер на светот. Можеби, според некои, статистички не е и најдобриот во оваа репрезентација на Македонија. Но, Енис Барди е лидер. И тоа го покажа уште на првиот свој меч со капитенската лента. Не затоа што учел како да биде лидер, не затоа што се родил да биде капитен, но затоа што, ете сакал тој или не, ги поседува и како карактер и како домашно воспитание и како човечност во себе и, на крај секако, како фудбалски квалитет, сите оние карактеристики за лидер. Енис Барди сето тоа го има, па и без да го постигнеше оној погодок синоќа за реми со европскиот шампион Италија.

А, лидерство не се темели на дрскост, ароганција, самобендисаност и вулгарност како начин за покажување сила во моменти кога знаеш за сопствената немоќ. Лидер е оној кој постапува а не само зборува, кој наметнува авторитет и без да е свесен дека наметнува. А, Енис е…

Затоа што секогаш е тука за Македонија, никогаш не барајќи изговор, дури и тогаш кога не може… Затоа што секогаш е насмеан, скромен и секогаш позитивно расположен. Затоа што носи позитивна енергија во соблекувалната, затоа што не е арогантен, не е конфликтен, затоа што не знае да иритира, затоа што не ги одбегнува медиумите (читај: јавноста), и во најтешките порази. Затоа што секогаш е позитивен, културен, одмерен и на прес-конференциите бидејќи знае дека тоа се средби за пораки до јавноста, а не до новинарите.

Затоа што не му е важно кој е селектор, кој претседател на федерација а кој физиотерапевт, кога е во прашање македонскиот дрес. Затоа што знае што значи репрезентација а што професионалец. Затоа што никогаш не прашува како и со што ќе патува националниот тим, или каде ќе биде сместен. Затоа што јазичната бариера не му е недостаток, и тогаш кога не може да се изрази најдобро на немајчиниот јазик, туку предност затоа што во очи му се гледа дека зборува искрено од срце. А, тоа е повеќе од доволно! Затоа што е обединувач, на национална основа…!

Затоа што не е наметлив на терен, некогаш дури и неприметлив, а во суштина секогаш како некој „добар дух“ тукаприсутен кој дава сигурност на соиграчите дека ќе се појави кога ќе е најпотребно. Затоа што знае да биде дел од „банда“… Затоа што знае да биде најскромниот и кога е најдобриот…

Затоа што ќе рече: „Мене ми е чест и задоволство да бидам капитен на Македонија. Но, искрено, во оваа репрезентација има многумина кои ми помагаат да се носам со тој притисок, кои ми помагаат да се обидам да ги предводам, како Столе, Елиф, Нестор, Аце, Џани… Сите тие поискусните многу ми ја олеснуваат оваа задача и затоа може да кажам дека сум пресреќен. Им благодарам!“.

И, можеби има уште многу пред себе за вистински самиот да почувствува што значи да се биде лидер. Но, како и да е, Енис Барди веќе е…

И затоа што игра фудбал. Неверојатно добро!

Се вчитува...