ЕНИС БАРДИ – Македонскиот крал на слободните удари!

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), Ел Паис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

========================================================================

„Македонскиот крал на слободните удари“, „Лионел Меси од Леванте“, „Момчето чии топки имаат очи“ – се дел од описите кои шпанските медиуми ги доделија на Енис Барди по неговата одлична деби сезона 2017/18 во дресот на Леванте.

Сега е вистинска икона на Леванте, еден од најдобрите странци во историјата на клубот. А, родениот скопјанец својот фудбалски пат го почна во младинските категории на Шкупи. Неговиот талент го забележува селекторот на Македонија за фудбалери до 15 години, Горан Петревски кој го повика во националниот тим. Но, потоа неочекувано Барди го снемува од „фудбалската мапа“ откако неговото семејство одлучува да се пресели во Шведска.

„Од моето заминување во Шведска загубив секаков контакт со структурите во Фудбалската федерација на Македонија и во репрезентацијата. Престанав да играм фудбал извесен период. Но, на 17 години од дански Брондби ме забележаа на тренинзи и ме приклучија на нивната академија. И покрај тоа не играв многу во националните младински селекции затоа што бев некако недоволно навлезен во фудбалот“ – вели Барди, кој за македонската јавност беше откриен преку настапите во младата селекција по повикот од Благоја Милевски.

„Се до 2014 година некако бев надвор од се, но потоа дојде трансферот во унгарски Ујпешт, а потоа селекторот Благоја Милевски активно ме вклучи во репрезентацијата до 21 година со која се изборивме за настап на ЕВРО 2017“ – се потсетува Барди.

И, веднаш по Европското првенство 2017 во Полска, Барди реализира трансфер во Леванте, исполнувајќи ја желбата да игра во Ла Лига. По пристигнувањето во Леванте, се промовираше како најдобар стрелец-странец во клубот со 19 гола. Го мина и Мустафа Рига, кој досега беше рекордер со 17 гола. Веќе ја надмина бројката од 100 меча во дресот на Леванте, и е само деветиот играч во историјата на клубот кој успеал да стигне до троцифрен број на настапи во најсилната лига. Во 2018 година беше прогласен и втор најдобар стрелец во Европа, веднаш зад Лионел Меси, со пет гола од слободен удар. А, во 2020 година го доби и признанието за најдобар странец во историјата на Леванте.

Бројни признанија кои веќе го издвојуваат и како еден од најдобрите фудбалери во историјата на македонскиот клуб. Токму и поради тоа беше стравот на македонската јавност дека нема да биде на располагање поради позитивен тест на Ковид-19 на првиот ден од собирот на националниот тим за подготовките за ЕВРО 2020. Но, на радост на сите во Македонија, Барди во саботата доби негативен тест и денеска со репрезентацијата патува во Романија.

„Благодарам на сите за поддршката. Со нетрпение го очекувам Европското првенство. Се гледаме во Букурешт“ – ќе порача Барди пред заминувањето за романската престолнина.

Се вчитува...