Енис Барди пред ждрепката за Лигата на нации: „Не чека сериозна Б-дивизија, но веруваме во нашиот квалитет“

Македонската репрезентација во четврток од 18 часот ќе ги дознае противниците за новото издание на Лигата на нации, низ ждрепката која ќе се одржи во Брисел.

Македонија со претходните настапи во Лигата на нации, за првпат во историјата се избори да биде дел од Б-дивизијата, а ждрепката ќе ја чека од четвртиот квалитативен шешир во Б сегментот. Македонија нема да може да се соочи со Шведска, Северна Ирска и Косово.

Капитенот Енис Барди, во изјава за официјалната интернет страница на ФФМ, потенцира дека настапот во повисок ранг е последица на игрите прикажани во Лига Ц.

„Самите се доведовме во позиција да играме во поквалитетен сегмент. Го заслуживме тоа со прикажаното на натпреварите од Ц сегментот. Лига Б носи силна конкуренција, но токму тоа е предизвикот. Без разлика кој ќе ни биде противник, мора да бидеме подготвени и физички и ментално, да го држиме високиот ритам на секој натпревар“, истакна Барди.

Капитенот додаде дека репрезентацијата гледа на овој циклус како на нова можност за докажување.

„Има противници со кои досега не сме се сретнале, како Швајцарија. Ова е нова шанса за сите нас, со поинаква енергија и силен мотив да покажеме дека припаѓаме на ова ниво и да се бориме за позитивен резултат. Конкуренцијата е навистина силна, ама веруваме во нашиот квалитет и сеедно против кого ќе се соочиме во групата, треба да ги одиграме тие натпревари во таков, силен ритам.“

Натпреварите во новата сезона од Лигата на нации ќе се играат во периодот од септември до ноември оваа година.

ЛИГА НАЦИИ – Б ДИВИЗИЈА (РАСПРЕДЕЛБА НА ШЕШИРИ)
Прв шешир: 
Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Втор шешир: 
Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
Трет шешир: 
Словенија, Грузија, Р. Ирска, Романија
Четврти шешир:
Шведска, МАКЕДОНИЈА, Северна Ирска, Косово

Се вчитува...