Со синоќешниот погодок, нов директно од слободен удар, македонскиот репрезентативец Енис Барди се запиша во историјата на шпанската Примера.
Леванте славеше на гостувањето против Леганес со 0-3, а вториот гол во 59. минута беше дело на Барди кој успеа да го постигне и петтиот гол за Леванте директно од слободен удар со што се запиша во аналите на Ла Лига. Барди е само еден од пет фудбалери во последните 18 години (односно во 21. век) на кои им успеало да постигнат најмалку пет гола од слободен удар во една сезона.
Покрај македонскиот репрезентативец, претходно во годините на 21. век, тоа им успеало на Асунсао (5 гола од 49 обиди) во сезоната 2004/2005, Перниа (5/24) во сезоната 2005/2006, Роналдињо (6/49) во сезоната 2006/2007 и Лионел Меси (6/48) во сезоната 2017/2018. Во истава сезона Барди има пет гола, но од само 16 обиди.
Енис Барди, кој има вкупно 7 погодоци сезонава, се запиша и како прв фудбалер во историјата на Леванте на кого му успеало да постигне пет гола во сезона директно од слободен удар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА