Луис Енрике е на добар пат да стигне до титулата во француското првенство со тимот на ПСЖ, нешто што барем на хартија не делува премногу тешко ако се земе во предвид доминацијата на „светците“ во домашното првенство во последните десетина години.
Сепак, поранешниот шпански селектор тврди дека многумина би биле изненадени од квалитетот на француската лига, како што тоа впрочем било случај и со него по преселбата на „Паркот на принцовите“.
„Да бидам искрен, пред да дојдам овде верував дека француската лига е лесна, дека без мака ќе ги добиваме на натпреварите. Кога дојдов веднаш видов дека не сум во право, се изненадив од нивото на тактичка подготвеност, како на тренерите така и на фудбалерите во сите екипи. Некој ќе помисли дека го велам ова за да изгледам подобро во очите на другите, но тоа не е случај. Го велам тоа затоа што е вистина, затоа што искрено сум импресиониран од нивото на конкурентност на тимовите. Постои голем талент, млади играчи кои потоа заминуваат во големи клубови, но првите чекори ги прават токму во францускиот шампионат“, изјави Луис Енрике.
ПСЖ по 25 комплетирани рунди има удобна предност на врвот од десет бода во однос на второпласираниот Брест и „плус единаесет“ во однос на Монако на третата позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА