Енрике: Не ни беше судено да победиме, тоа е фудбал

Селекторот на Шпанија, Луис Енрике, смета дека неговиот тим заслужил победа против Шведска на стартот на Европското првенство. Натпреварот помеѓу Шпанија и Шведска во Севилја се одигра без голови 0-0. Тоа беше првиот натпревар во континенталниот шампионат на кој досега немаше погодоци.

Енрике направи анализа по мечот и пред медиумите заклучи дека неговата селекција создала повеќе шанси и доминирала на секое поле од теренот.

„Бевме многу подобар тим. Нашиот ривал само се бранеше. Ја контролиравме играта, создадовме многу шанси, доволно за да победиме. Што не функционираше? Па, не ги искористивме тие шанси. Ова беше еден од оние натпревари на кои не ви е судено да победите. Но, тоа е и фудбал. Сега нè очекуваат уште два дуела и нашата цел е сепак да завршиме на првото место во групата“, изјави Луис.

После натпреварот, Алваро Мората беше еден од најкритикуваните фудбалери од редовите на „црвената фурија“.

„Што се однесува до Алваро Мората, видов две различни реакции од публиката. Едната е онаа во која навивачите се критични кон него, но имаше и такви кои го пееја неговото име и го поддржуваа. Јас секогаш сакам да ги заштитам моите играчи. Мислам дека Алваро одигра одлично. Секако, сакавме тој да ги искористи своите шанси, но и други играчи имаа можности“, заклучи селекторот на Шпанија.

Во следното коло, Шпанија во сабота од 21 часот ќе игра против Полска.

Се вчитува...