Енрике: Не знам дали победата е заслужена, ме радува што покажавме карактер

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, беше среќен откако неговиот тим го победи Тотенхем по изведување на пенали во финалето на УЕФА Супер-Купот. Тој призна дека неговите противници играле подобро во поголемиот дел од натпреварот и затоа не знае дали победата била заслужена.

Уште еднаш предводникот на францускиот тим потенцираше дека тренирале само неколку дена пред ова финале, но е задоволен од победата, а особено од карактерот на тимот.

„Тешко ми е да зборувам за овој натпревар. Трениравме само 5-6 дена пред него. Неверојатно е што успеавме да победиме. Им честитам на навивачите кои беа со нас на стадионот. Без оглед на резултатот, тие не престанаа да го поддржуваат тимот. Мило ми е што можевме да им се заблагодариме со овој трофеј. Мислам дека Тотенхем одигра многу добар натпревар. Беа посилни и подобро подготвени од нас, па затоа ни беше тешко. Сепак, покажавме карактер и се боревме до последната минута. Не знам дали нашата победа беше фер, но тоа е фудбалот и среќен сум за нашите навивачи. Има што да се подобри. Секогаш сакам повеќе од моите играчи“, изјави Енрике.

Се вчитува...