Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, беше исклучително среќен по победата на неговиот тим од 2-1 во реваншот против Арсенал и пласманот во финалето на Лигата на шампионите. Тој призна дека натпреварот бил многу потежок од очекуваното и дека неговиот противник му предизвикал многу главоболки. Сепак, тој е задоволен од своите играчи за истрајноста и постигнувањето успеси.
Енрике призна дека во еден миг на крајот од минатата сезона им кажал на играчите дека ако многу скоро не види поинаков менталитет од играчите, дека ќе си замине од кормилото, а тоа вродило со плод во оваа сезона во која ПСЖ ќе има шанса да се бори за својот прв трофеј во ЛШ.
„Арсенал играше многу добро, и моравме да бидеме цврсти во одбраната. Беше многу тешко, не го замислувавме овој втор натпревар на ваков начин. Моравме да вложиме многу труд и да најдеме вистински решенија. Првото полувреме беше доста тешко, ни направија многу проблеми. Беше важно да имаме самодоверба. Навистина ни беше тешко во првиот дел, а во вториот дел ги поправивме работите“, изјави Енрике и додаде:
„По еден лош резултат во ЛШ, го собрав тимот и им кажав дека сме најдобра екипа во Европа, но не сме доволно ефикасни. Им реков да не се грижат и да гледаат напред. Денеска беше неверојатно. Првата година по неуспехот им реков на играчите дека ќе си заминам ако не видам поинаков менталитет. Оваа година гледаме сосема поинакво ниво, овие играчи се неверојатни“, рече Енрике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

