Енрике: Покажавме каков тим сме

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, се огласи по тесната победа на неговиот тим од 1-0 над Арсенал во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.

Шпанецот кажа дека неговиот тим во одредени периоди од мечот имал проблеми, и дека мора максимално да бидат подготвени за реваншот, односно да одиграат без грешка, затоа што тоа ќе го казни тимот на Арсенал.

„Беше тешко да се игра поради неверојатната атмосфера на стадионот. Покажавме каков тим сме. Среќен сум за оваа победа, затоа што имавме проблеми во одредени периоди од мечот. Можевме да постигнеме и втор гол, но не успеавме. Сега има и реванш кој ќе биде исклучително важен“, рече Енрике и додаде:

„Голманите на двата тима беа одлични. Тоа им е работа. Во полуфиналето секогаш треба да се игра на максимално ниво. Сега мораме да се подготвиме за реваншот, мора да бидеме подготвени на секој мал детал. Знаеме дека ќе имаме проблеми ако не се прикажеме во најдобро светло, но на нашиот стадион со нашите навивачи можеме да стигнеме до финалето, и тоа е нашата цел“, кажа Шпанецот на клупата на ПСЖ.

Се вчитува...