Енрике пред дуелот со Хрватска: Верувам во мојот тим, Шпанија може до финале!

Шпанскиот фудбалски селектор Луис Енрике очекува голема борба со Хрватска на средина од теренот, па потенцираше дека верува во својот тим. Енрике изјави дека Шпанија може да дојде до победа и на тој начин да се доближи до посакуваното финале на ЕП.

„Црвената фурија“ овојпат за противник ќе ја има силната Хрватска предводена од Лука Модриќ, а овој меч ќе биде одигран во рамки на осминафиналето на Европското првенство во Копенхаген.

„Лука Модриќ и Матео Ковачиќ се најдобрите играчи во Хрватска. Секој го познава Модриќ, направи фантастични работи со Реал Мадрид, тој е важен во хрватскиот тим. Ние добро се познаваме. Ќе има голема борба на средината од теренот. Верувам во мојот тим, исто како и на почетокот на турнирот. Мислам дека Шпанија има одличен тим за пласман во големото финале“, истакна Енрике.

Алваро Мората откри дека тој и неговото семејство добиле заканувачки пораки за време на шампионатот, па новинарите се интересираа за мислење од тренерот на селекцијата на Шпанија за оваа тема.

„Ситуацијата е сериозна, полицијата треба да се справи со тоа. Не е важно што имам да кажам за тоа, проблемот треба да се реши што е можно побрзо. Тоа е кривична постапка“, рече Енрике.

Дуелот помеѓу Шпанија и Хрватска е закажан на програмата денес со почеток од 18 часот.

Се вчитува...