Актуелниот шампион Кливленд загуби на свој паркет од Чикаго со 99-117 во еден од синоќешните осум мечеви во НБА лигата.
Кливленд играше без својот најдобар кошаркар Леброн Џејмс, а во негово отсуство најдобар беше Кајри Ирвинг со 34 поени, девет скока и седум асистенции. Сепак, ниту неговата одлична партија не помогна за победа на Кавси. Чикаго до триумфот го водеше Џими Батлер со „трипл-дабл“ ефект од 18 поени, 10 скока и 10 асистенции, како и Двејн Вејд на кого му недостасуваше само еден скок за „трипл-дабл“ (20 поени, 10 асистенции и 9 скока).
Њујорк во возбудлив натпревар во „Медисок сквер гарден“ славеше против Филаделфија со 110-109. Победата на домашните им ја донесе Кармело Ентони со кош во последната секунда. Токму Ентони беше најефикасен играч на мечот со 37 поени, плус и со шест скока. Окафор за гостите постигна 28 поени, дополнети и со 10 скока.Хјустон во „Тојота центарот“ беше подобар од Минесота победувајќи со 142-130. Рокитси во своите редови имаа осум кошаркари со двоцифрен ефект. Предводеше Џејмс Харден со 24 поени и 10 асистенции, додека Рајан Андерсон постигна 18 поени. Најефикасен кај гостите беше Ентони Таунс со 37 поени и 22 скока, а Ендрју Вигинс мечот го заврши со 30 поени.
Во останатите синоќешни мечеви, Сакраменто загуби од Шарлот со 85-99, Орландо беше подобар од Атланта победувајќи со 105-86, Мајами славеше со Индијана со 113-95, Далас беше подобар од Њу Орлеанс триумфирајќи со 96-83, а Голден стејт убедливо славеше против Бруклин со 112-95.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА