Вечерва се одиграа и последните натпревари од третото коло на ракометното ЕП од групите Б и Д. Репрезентациите на Германија, Полска и Исланд го продолжуваат европскиот пат во главната фаза на овој турнир.
Исланд со победа од 31-30 ја доби „гладијаторската борба“ против Унгарија во рамки на одлучувачкиот меч од групата Б, а по овој исход си обезбеди сигурен пласман во главната фаза, додека Унгарија со пораз го завршува овој турнир. По елиминацијата на Унгарците сега шанса за пласман во главната фаза има и Португалија, која вечерва од 20.30 часот за противник ќе ја има селекцијата на Холандија.
Во тимот на Исланд се истакна Бјарки Мар Елисон со девет голови, Унгарија ја предводеше Мар Барки со шест гола.
Германија со победа над Полска од 30-23 го освои првото место во групата Д. Иако на последното тестирање дури пет ракометари на „панцирите“ беа позитивни на коронавирус, Германија успеа да обезбеди победа за прво место и пласман во главната фаза од ЕП, Полјаците како второпласирани го продолжуваат европскиот сон.
Кристоф Штајнерт со девет гола ја предводеше Германија, Морито Аркадиу со седум гола се истакна кај поразените. За потсетување, натпреварот меѓу Германија и Полска го водеа македонските арбитри Начевски и Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА