Црна Гора продолжува да ја живее својата ракометна бајка откако оваа селекција ја забележа и третата победа во низа на ЕП 2022. По победите над Македонија и Словенија, Црногорците денеска супериорно го почнаа и настапот во главната фаза во Будимпешта, со ракометна лекција за репрезентацијата на Хрватска, славејќи со убедливи 32-26.
„Коцкестите“ влегоа како фаворити во мечот по победите над Србија и над Украина, но налетаа на извонредно мотивиран противник кој наметна силно темпо за кое избраниците на Хорват немаа решение. Голманот Симиќ повторно бранеше брилијантно, а покрај оние кои го понесоа главниот товар во Дебрецин овојпат во тимот се појавија и Чавор и Милош Вујовиќ (во меѓувреме добија негативни тестови на коронавирус) , кои дадоа значаен придонес во победата.
Покрај извонредниот голман Симиќ, најефикасни во таборот на Црна Гора беа Милош и Бранко Вујовиќ со по седум гола. Најдобар стрелец во таборот на Хрватска беше Чупиќ со седум погодоци од осум обиди.
На премиерниот меч од главната фаза во Братислава селекцијата на Шведска славеше над Русија со резултат 29-23. Пресудна беше завршницата на првото полувреме во кое руските ракометари седум минути не дадоа гол, Швеѓаните стигнаа до „плус четири“ и потоа го контролираа резултатот во преостанатите триесетина минути, зголемувајќи ја предноста до конечните 29-23. Ване со девет погодоци беше најефикасен во победничкиот состав, додека кај Русите Ербаков постигна пет, а Андрејев четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА