Данска е последниот полуфиналист на ЕП во ракомет за жени откако скандинавската селекција триумфираше на клучниот дуел против Холандија со резултат 30-26. Двете селекции влегоа во мечот со по шест бода, во директна пресметка за второто место во групата зад недопирливата Норвешка, а Данките прикажаа повеќе, одиграа квалитетен меч и заслужено стигнаа до победата.
Ниту повредите на голманката Рајхман и на пивотот Иверсен (ова ЕП е завршено за двете) не го исфрлија данскиот состав од ритам, скандинавската селекција беше подобра во првото полувреме, на одмор замина со 15-13, а потоа продолжи да доминира и во вториот дел. Холанѓанките парираа до 18-17, кога Данска со три гола во низа се одлепи резултатски, контролирајќи го мечот до самиот крај и конечните „плус четири“.
Кристенсен блескаше со 15 одбрани на голот на Данска, а во нападот најефикасна беше Хансен со седум погодоци. Дион Хушер со десет гола од десет обиди беше клучна фигура во холандскиот состав, сепак недоволно за да се стигне до триумф и место во Топ 4 фазата од овој европски шампионат.
Данска за противник во полуфиналето ќе ја има Франција, која го освои првото место во другата. Во втората полуфинална двојка ќе се сретнат Норвешка и Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА