ЕП одбојка: Франција и Романија први до четвртфинален билет

Романија и Франција се првите два четвртфиналисти на европскиот одбојкарски шампионат откако овие две селекции славеа во пресметките со Хрватска, односно Бугарија. Особено интересно беше на мечот Романија – Хрватска, на кој Романците славеа со 3-2 во сетови. Романија водеше со 2-0, Хрватите успеаја да се вратат и да се изборат за тајбрејк но во него поуспешни беа романските одбојкари, кои триумфираа со 15-12.

Бугарија и на домашен терен во Варна не успеа да ги замрси сметките на фаворизираната Франција, губејќи со 0-3 во сетови. Французите доминираа, бугарските одбојкари во првиот и во вториот сет стигнаа до по 21 освоен поен, за потоа во третиот сет Бугарија да капитулира и „триколорите“ да слават со убедливи 25-15, закажувајќи си дуел во четвртфиналето токму со Романија.

Утре на програмата се четири натпревари од осминафиналето, најпрвин на мегдан ќе излезат Словенија и Турција, во 18 часот е закажан мечот меѓу Македонија и Италија во Бари, во 19.30 часот ќе се сретнат Украина и Португалија, а во 21 часот утрешната одбојкарска програма ќе ја затворат Холандија и Германија.

Се вчитува...