Данило Брестовац од денеска повеќе не е селектор на Македонија, откако по слабите игри и резултати на СП 2021 беше донесена спогодбена одлука за прекин на соработката меѓу младиот стручњак и Ракометната Федерација на Македонија. Со тоа, се става крај на соработката што траеше нецели две годии, период во кој Македонија одигра 15 официјални натпревари, а под водство на Брестовац нашиот национален тим забележа седум победи, едно реми и седум порази.
Брестовац седна на клупата на Македонија во незгоден момент, по неуспехот на СП 2019 во Германија, но и среде квалификациски циклус за ЕП 2020 во која „црвено-жолтите“ се соочија со огромни проблеми по поразот во Грција. Сепак, Данило со само еден натпревар ја сврте ситуацијата, успевајќи ја предводи Македонија до историска победа победа во Рејкјавик над Исланд (33-34). Следеше реми на домашен терен со истиот ривал (24-24), по што со победите во Турција (25-26) и дома над Грција (27-23) Македонија како првопласирана ја заврши групната фаза.
Проблемите се појавија на европскиот шампионат во Виена, каде навидум имавме лесна група, почнавме со минимална победа над Украина (26-25, со гол со звук на сирената на Кире Лазаров), по што следеа порази од Чешка и од Австрија (32-28). Брестовац на овој шампионат не го спроведе најавеното подмладување на националниот тим, кое беше негов главен адут при самото доведување на функцијата.
Потоа следеше подолга ракометна пауза поради коронавирусот, за Македонија да се врати во квалификациите за ЕП 2022, со победи над Финска и над Швајцарија. Позитивната атмосфера околу националниот тим беше целосно нарушена со слабите игри на СП во Египет, каде добивме повик во „пет до дванаесет“, на сите ни беше јасно дека ќе ја имаме улогата на аусајдери, но сепак очекувавме многу повеќе борба и желба за победа од она што беше прикажано.
Ефектот во Каиро беше поразителен, шест натпревари – една победа и пет порази (четири од нив двоцифрени), доволна причина за РФМ да донесе одлука за разделба од селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА