Оваа сезона е последна за ЖРК Вардар со постоечкиот дрим-тим да се обиде да направи исчекор и да се најде на врвот на женскиот европски клупски ракомет. Последен обид, откако Гордана Нацева како прв човек на клубот вчера и официјално ги потврди најавите на ЕКИПА, дека на крајот на сезонава целиот клуб ќе се трансформира, странските ракометарки ќе добијат исписници, а „црвено-црните“ од новата сезона ќе градат нов тим, исклучиво од млади македонски ракометарки.
Не е тајна, убава и носталгична делуваше „црвено-црната приказна“ на рускиот газда, јавноста се понадева на „нов Кометал“, но факт е дека тоа нема никакви шанси да се повтори… без оглед дали во мај ќе се освои Лигата на шампионите или не. Бидејќи Кометал ЃП беше продукт од кој профитираше целиот женски македонски ракомет, а Вардар е тотална спротивност.
Кометал ЃП исто така беше приватен проект кој со одлука на газдата најпрвин го намали буџетот, потоа и згасна, но овој клуб донесе своевидна револуција во женскиот ракомет. Се создаде и силна репрезентација (дел со дадени пасоши, но и значаен дел со македонски ракометарки), спортистките прераснаа во идоли во кои дечињата се угледуваа и ги почнуваа првите ракометни чекори, а европската круна беше само шлаг на тортата.
Доколку „вардарки“ (дај Боже) се искачат на врвот на Европа, успехот ќе биде голем, но печатот во македонскиот женски ракомет далеку помалку значаен од оној на „кометалки“. Пред се, истиот би бил остварен без значајна улога на некој македонска ракометарка. Сара Ристовска и Мирјета Барјамовска беа доведени за „квота“ и за домашното првенство, но факт е дека во овој дрим-тим можеа да добијат и позначајна улога и тоа да не се одрази врз резултатите.
Иронично, предводнички на овој проект се две членки на таа шампионска генерација, Гордана Нацева како долгогодишен претседател, како и Индира Кастратовиќ, најпрвин како тренер, а сега како дел од академијата на Вардар. Со имиџ и препознатливост, но и со вложените средства навидум ги имаа сите предуслови за повторување на успехот, не оној резултатски, туку за повторна изградба и кревање на женскиот ракомет во Македонија. Само што на тоа поле целосно потфрлија.
Шест години се вложуваа сериозни средства во играчкиот кадар, се носеа и тренери од различни земји, а не се извади ниту една ракометарка што би можела да се посочи како идна предводничка на националниот тим (Сара Ристовска спаѓа во таа група, но таа е „дете“ на Металург, клуб што е далеку позаслужен за нејзиниот ракометен развој). Јасно беше дека парите еден ден ќе „секнат“, и тука на дело доаѓа управата – онаа умешната ќе знае како да се подготви и за тој ден, да има низа млади играчи кои ќе бидат послаби од постоечките, но сепак доволно добри за да избегнат бламажи во Европа… Или онаа другата управа, како оваа на Вардар, која сега најавува подмладување и „македонизација“, а лани го отпушти речиси целиот тим во кој неколку години вложуваше, составен исклучиво од домашни ракометарки.
И сега истите тие ќе почнат нов проект, ама со помлади… Приказни за мали деца, кој наседне блазе си му, бидејќи она што за шест години со огромен буџет не е направено, сигурно од истите тие луѓе нема да биде подобро менаџирано без пари, со „деца“ кои допрва треба да прераснуваат во ракометарки.
Тоа е реалноста, во овие шест години откако Вардар состави дрим-тим значително се намали и силата на Металург, исчезнаа уште неколку клубови од мапата на женскиот ракомет, во младите репрезентации сме предалеку од елитата, а кај сениорките се ’отепавме’ од радост за триумфот над Фарските острови. Вината не може да се бара само кај „црвено-црните“, но факт е дека кога се имаше сериозен проект, ако беше подобро менаџиран од него фајде ќе видеше целокупниот ракомет, а не само мала група индивидуи, кои добро се нафатираа, а на кои ни денеска не им е јасно колкав пустош оставаат зад себе.
Случајно или не, женската ракометна репрезентација на Македонија својот последен настап на големите натпреварувања го имаше на ЕП во Србија во 2012 година, неколку месеци од почетокот на проектот „ЖРК Вардар“. И, од тогаш пустош за македонскиот женски репрезентативен ракомет!
Јасно е, во Будимпешта сите ќе навиваме за „црвено-црните“, но тоа се два дена и ќе минат како за миг. Со трофеј или без него, оваа „приказна“ ќе заврши… Но, што правиме после тоа? Што добија Македонија и македонскиот женски ракомет како „оставина“ од тоа шестгодишно елитно функционирање на ЖРК Вардар!? Ништо!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА