Себастијан Херера е добро познато име во македонската фудбалска јавнсот, играч кој од млади години од Колумбија пристигна во Работнички и мина пет сезони во дресот на „романтичарите“, каде доби и шанса за деби во сениорска конкуренција.
Фудбалерот кој е и со македонски пасош, потоа мина и една полусезона во дресот на штипска Брегалница, по што реши да се пресели во кипарското првенство и да го облече дресот на Докса. Тоа не се покажа како најдобар потег, но затоа 28-годишниот лев бек го погоди изборот на последниот клуб – Борац Бања Лука. Не само што Херера игра одлично и е еден од најстандардните фудбалери во овој тим (17 средби, еден гол и неколку клучни асистенции), туку Борац бележи фантастични резултати и по 18 кола се наоѓа на чело на табелата, со седум бода предност во однос на второпласираниот Зрињски.
„Искрено, се чувствувам одлично во Борац. Минав тежок период во Кипар, откако тимот бележеше слаби резултати, а тренерот воопшто не ми укажуваше доверба. Кога не играш логично е да си несреќен и инсистирав на заминување од Докса, понудата од Бања Лука беше најдоброто нешто што можеше да ми се случи во тој момент. Сакав само да играм, да бидам стандарден, а луѓето од Борац го остварија она што ми го ветуваа при преговорите. На почетокот малку се мачев бидејќи бев надвор од натпреварувачки ритам, но штом влегов во форма се беше полесно. Меѓу најстандардните сум во екипата и она што е најважно за мене – повторно уживам играјќи фудбал. Авантурата во Кипар придонеседури и малку да се сомневам во себе, но сега сето тоа е минато. Останувам во Борац до крајот на сезонава, желба ми е да помогнам на тимот да се бори за трофеи и на добар пат сме по одличните резултати на стартот од сезоната“, вели Херера.
Одличните игри во шампионатот на БиХ придонесоа тој да добие понуди за трансфер веќе во текот на зимава…
„Има клубови што ги следеа моите добри игри и што не ја криеја желбата за даме доведат во своите редови веќе во јануари. Имаше дури и интересна понуда од Колумбија, клуб што сакаше да ме врати во татковината, но ставот на клубот е дека сака да ме задржи се додека сум под договоро, до крајот на оваа сезона. Јасно е дека се задоволни од мене и не сакаат разделба во период во кој се борат за трофеи. Јас сум задоволен од сето она што го имам во Борац, развив одлична врска и со навивачите на клубот и не ми се брза. Сакам да дадам свој придонес да стигнеме до титулата, со тоа сигурно ќе пристигнат и нови и уште подобри понуди за во иднина“, истакнува колумбискиот интернационалец.

Себастијан Херера поседува и македонски „фудбалски пасош“, воедно е и оженет за Македонка, но никогаш не доби повик за настап во репрезентацијата.
„Бев во контакт со Игор Ангеловски додека тој беше селектор, ми соопшти дека би сакал да ме види во репрезентацијата. Јас го завршив мојот дел од работата, расчистив со Колумбиската федерација за да добијам македонски „фудбалски пасош“ и да можам да заиграм за земјата што ја сметам за свој втор дом. Сепак, Ангеловски потоа ми соопшти дека нема намера да вика нови фудбалери, продолжи со истиот состав кој обезбеди пласман на ЕП, а потоа и си замина од кормилото. Со новиот селектор Милевски не сум имал никаков контакт, но да бидам искрен, во последната година и не играв најчесто во тимот на Докса. Секако е мое да се наметнам со игрите… Фокусиран сум само на настапите за Борац, сакам да продолжам во ист ритам и во вториот дел од сезоната“, порачува Херера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

