Луис Енрике по синоќешниот убедлив триумф над Спортинг Хихон и официјално потврди дека ќе ја напушти клупата на Барселона по завршувањето на оваа сезона. Со тоа уште повеќе се засилија шпекулациите за неговиот наследник на „Камп Ноу“. Засега во игра се неколку опции, но најблиску, според шпанските медиуми, но и моментните коефициенти на европските обложувалници, е сегашниот стратег на Атлетик Билбао, Ернесто Валверде.
„Тој е еден од најдобрите тренери во Шпанија, многу близок според филозофијата со мене и теркот по кој се движи Барселона“, изјави пред неколку месеци Луис Енрике токму за Ернесто Валверде, со кого е и добар пријател.
На обложувалниците добро котира и Еузебио Сакристан, кој наодамна потпиша нов договор со Реал Сосиедад, но во минатото беше тренер на Б-тимот на Барселона, а во текот на фудбалската кариера седум години беше на „Камп Ноу“.
Аргентинецот Лионел Меси има огромно влијание во клубот, па секако дека ќе се слуша и неговиот збор во изборот на новиот тренер. А тој е многу близок со Хорхе Сампаоли, аргентинскиот стратег кој оствари големи успеси со репрезентацијата на Чиле, а сега на одличен начин ја предводи и Севилја.
Еуфоријата за нов тренер на Барселона го зафати и Островот, а таму како можни наследници на Луис Енрике се споменуваат поранешниот капитен на Барселона, Роналд Куман, кој сега е менаџер на Евертон, и Јирген Клоп, актуелниот кормилар на Ливерпул. Иако самиот кажа дека веќе нема да се враќа на „Камп Ноу“ како тренер, и Пеп Гвардиола е вброен меѓу кандидатите за тренерската позиција на каталонскиот гигант. Тука е и Маурицио Покетино, менаџерот на Тотенхем, а огласите од Каталонија велат дека легендарниот Чави би можел сега да се врати како тренер, токму како што се случи со Гвардиола и со Луис Енрике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА