Поранешниот англиски репрезентативец Ешли Кол денеска објави дека ја завршува кариерата. Најдобрите моменти во кариерата левиот бек ги мина носејќи го дресот на Челси, тим со кој стигна и до титули во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Потоа следеше трансфер во ЛА галакси, а откако ја мина ланската сезона во Дерби каунти, 38-годишниот Кол одлучи дека е дојдено време да му каже збогум на фудбалот.
„По долго размислување, донесов одлука дека е време да ги обесам копачките. Повеќе нема да играм фудбал, но со нетрпение го очекувам новото поглавје – тренерската кариера. Во моментов учам за да ги добијам лиценците што се неопходни, за да почнам со еден поинаков вид на фудбалски ангажман“ – истакна Ешли Кол.
Поранешниот дефанзивец во кариерата има освоено три титули во Премиер-лигата, како и дури седум трофеи во ФА Купот на Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА