Легендата на Црвена Звезда и на српскиот фудбал, Дејан Станковиќ, е подготвен за камбек во татковината, и тоа како шеф на стручниот штаб на тимот во кој ги мина почетоците на својата фантастична играчка кариера. За српските медиуми веќе нема дилеми, Станковиќ ќе биде нов предводник на „црвено-белите“, откако Владан Милојевиќ одбил неколку понуди за нов договор, јасно ставајќи до знаење дека сака зимава да си замине од „Маракана“.
Станковиќ неодамна беше промовиран во нов координатор во младинската школа на Интер, но кога дојде понудата од Белград, тој без размислување прифати да застане на чело на Црвена Звезда. Договорот ќе биде потпишан в петок, по што ќе следи и прес-конференција на која новиот стратег ќе говори за своите планови околу концептот на актуелниот првак на Србија.
Дејан Станковиќ пристигна во Црвена Звезда на 14-годишна возраст од Телеоптик, а на 16 години за првпат дебитираше за првиот тим на „црвено-белите“. Тој е втор најмлад стрелец во историјата на српскиот гигант, веднаш зад Милко Ѓуровски. Тој одигра 113 натпревари за Црвена Звезда, притоа постигнувајќи 39 погодоци, пред да се пресели во Италија и таму да ја продолжи својата блескава кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА