Еуро Никел имаше одлична сезона на домашната кошаркарска сцена, откако кавадарчани ги елиминираа Гостивар и Работнички и се пласираа во финалето од плејофот, каде што беа поразени од МЗТ Скопје. Тимот предводен од тренерот Горан Самарџиев се подготвува за нов предизвик – учество во АБА2 лигата за наредната сезона што беше обезбедено со второто место во домашното првенство.
МЗТ со пласманот во четвртфиналето обезбеди автоматски опстанок во ова друштво за новата сезона, а Македонија ќе има најмалку уште еден претставник, место што му следи на тимот со најдобар пласман во изминатата сезона. Кавадарчани со резултатите во плејофот го заслужија ова место, па сега чекаат само уште известување од КФСМ (АБА-лигата тесно соработува со националните федерации) за да можат да го потврдат учеството.
„Зад себе имаме успешна сезона и веќе се насочуваме со погледите кон иднината. Следна цел е АБА2, каде учеството апсолутно го заслуживме со игрите на терените ширум Македонија сезонава. Очекуваме што поскоро да бидеме известени од федерацијата, за и официјално да ја прифатиме поканата и да знаеме дека сме учесници во регионалното натпреварување. Би сакале што поскоро да имаме ваква потврда, за да составиме уште поконкурентен тим со кој ќе атакуваме на добри резултати и на македонската и на регионалната кошаркарска сцена“, изјави тренерот на Еуро Никел, Горан Самарџиев.
Постојат најави дека АБА2-лигата ќе се прошири дополнително и во следната сезона ќе брои 16 тимови, што би можело да значи и зголемување на бројот на учесници од Македонија, од две на три екипи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА