Кошаркарите на Еуро Никел стигнаа до деветтата победа во сезоната откако славеа на домашен терен Црн Дрим со убедливи 111-74 во 17. коло од Првата лига. Домаќините ја оправдаа фаворитската улога уште во првото полувреме во кое постигнаа 54 поени, а по „ист рецепт“ продолжија до самиот крај на средбата. Избраниците на Самарџиев ја искористија висината во своите редови и одиграа одличен натпревар под противничкиот рекет каде постигнаа 68 поени.
Резултатски беше изедначена само првата четвртина која кавадарчани ја добија со 24-19, а одличниот моментум на избраниците на Самарџиев продолжи и со истекот на 20. минута па „сино-белите“ веќе на полувремето стигнаа до предност од +24 (54-30). Добрата игра на Еуро Никел продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое кавадарчани успеаја да го пренесат одличниот напаѓачки ритам, постигнувајќи 34 поени, наспроти 23 на гостите за дополнување на големата предност. Последната четвртина беше само формалност во која Еуро Никел за прв пат оваа сезона успеа да ја надмине границата на сто постигнати поени.
Предводник на Еуро Никел со 18 поени беше Тодор Златев, додека него го следеа Роберт Рикиќ со 17 поени и 9 скока и Џексон Дубински со 16 поени и 8 асистенции. Прво име кај гостите од Струга со 21 поен и 5 скока, додека Војче Лефкоски додаде 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

