Еуро Никел со „метла“ за Работнички до финале во првенството

Еуро Никел е првиот финалист во домашното првенство откако кавадарчани во дополнителни пет минути успеаја да го добијат Работнички во вториот финален натпревар со 88-87. Избраниците на Самарџиев го контролираа натпреварот 35. минути, но падот во играта го искористи Работнички кој успеа да се врати во средбата и да исфорсира дополнителни пет минути. Работнички го имаше и последниот напад на средбата, но Питс не успеа да реализира за победа на својот тим.

Еуро Никел иницијативата ја превзема од самото отварање на мечот. Кавадарчани го контролираа скокот, ги служеше шутот за три поени па поведоа со 23-12. Работнички повторно се осврна кон шутот за три поени, кој повторно не беше во полза на „црвено-белите“ па се одржуваа во игра преку креирањето на „мис-меч“ во рекетот, а благодарение на подобриот финиш на првите десет минути успеаја да ја сведат негативата на едноцифрена (25-17). Домаќините продолжија да ја контролираат играта и до полувремето. Кавадарчани беа на врвот на задачата во одбраната, умешно ги користеа грешките и изгубените топки на Работнички па по 20. минути игра го вратија двоцифреното водство (43-30).

На отварањето на второто полувреме се играше во серии со кои прво Работнички ја врати едноцифрената негатива, а Еуро Никел одговори преку Дубински и Соколов за ново водство од 12 поени (55-43). Сепак кавадарчани не успеаја да го задржат моментум, следуваше пад во играта кој „црвено-белите“ го искористија, отежнувајќи ја работата за домаќинте со агресивна одбрана. Работнички до истекот на третата четвртина ја сведе негативата на 62-54, а доброто темпо продолжи и во последните десет минути. Еуро Никел потфрли во нападот, а тоа го корситеше Работнички кој преку Аска од минута во минута ја „топеше“ предноста на домаќинот. Работнички стигна и до изедначување (72-72) на 103 секунди до крајот на мечот, а неизвесноста продолжи до самиот крај.

Последниот напад во регуларниот дел му припадна на Еуро Никел, но Дубински не успеа да поентира на положување па натпреварот замина во дополнителни пет минути, во кои кавадарчани најдоа решение во одбраната и го заштитија рекетот, а преку добриот проток на топката во нападот стигнаа до предност од 83-77 на две минути и 33 секунди до крајот. Тајм-аутот на Мираковски вроди плод па „црвено-белите“ експресно се вратија и со шутот за три поени го превземаа водството па следеше нова неизвесна завршница. Еуро Никел имаше предност од 88-87 на 21 секунда пред крајот на мечот, а херој за Работнички можеше да биде Питс, кој се обиде со шут од полудистаца да донесе победа на својот тим, но Американецот не беше успешен во својот обид.

Дарко Соколов беше првото име кај Еуро Никел со 18 поени и 6 скока, додека по 16 поени забележаа Дубински и Рикиќ. Американецот натпреварот го заврши со 7 асистенции, додека Хрватот додаде 13 скока. Нив ги следеше Никола Караколев со 15 поени. Во редовите на Работнички, Ерик Питс реализираше 31 поен на кои додаде и 6 скока и 5 асистенции, додека Иван Аска мечот го заврши со 15 поени и 5 скока. Караџовски додаде 12 поени, Младеновски еден помалку, додека како двоцифрен со 10 поени нив ги следеше Мулалиќ

Се вчитува...