Еурофарм Пелистер 2 со рутинска победа над тимот на Јуниор Кисела Вода (33-23) стигна до третото место во групата Б од Супер-лигата, што им носи на избраниците на тренерот Јовиќ предност од еден бод во однос на Тиквеш и Охрид, кои се четвртопласирани во двете групи.
„Пелистерци“ во првото полувреме се мачеа да го скршат отпорот на гостите од Скопје (14-12), но затоа второто полувреме мина во целосна доминација на битолчани, кои заслужено стигнаа до убедлива победа. Ивановски со седум и Атанасијевиќ со шест погодоци беа најефикасни во победничкиот тим.
Бутел во суперинтересен дуел успеа да слави на домашен терен над Алкалоид со резултат 28-27. Алкалоид се врати од „минус два“, а потоа во последниот напад „бутелци“ најпрвин ја загубија, па повторно ја освоија топката, за преку Ѓеоргиевски да стигнат до победата. Во оваа група А првото место го освои Вардар, пред Алкалоид, Бутел и Охрид, четири екипи кои се пласираат во плејофот. Страстите зовреа по натпреварот и дојде до конфликт меѓу ракометарите на двата тима, но сепак тензиите се смирија и не се случи посериозен инцидент.
Филип Николов со 11 погодоци беше најдобар поединец на натпреварот, 10 одбрани имаше домашниот голман Блажевски, додека кај Алкалоид прв стрелец беше Серафимов со осум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

