Резултатската криза на Еурофарм Пелистер 2 дополнително се продлабочи откако битолскиот суперлигаш претрпе уште еден пораз, овојпат на гостувањето во Струга со резултат 23-21. „Пелистерци“ одиграа уште еден потпросечен натпревар, за разлика од минатиот меч на кој примија 40 гола и загубија дома од Аеродром, овојпат потфрлија во нападот и заслужено го претрпеа и четвртиот пораз во низа во својата суперлигашка група.
Стружани беа подобар противник во текот на целиот натпревар, отворајќи го мечот со рано водство од 7-3, по што Еурофарм 2 успеа само да се приближи намалувајќи на 10-8 до крајот на полувремето. Победникот беше решен во почетните десетина минути од вториот дел во кои Струга поведе со 17-10. Битолчани до крајот намалија до два гола негатива, но немаа сили за целосен пресврт, па заслужено претрпеа нов пораз.
Бошњак со осум и Јанкуовски и Костоски со по четири гола беа најдобри поединци кај Струга, додека Калајџиоски со шест погодоци ги предводеше стрелците на Еурофарм Пелистер 2 на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА