Еурофарм го скрши Пролет во вториот дел, Тиквеш славеше во Скопје

Еурофарм Пелистер со триумф од 37-25 на дербито со Пролет ја заокружи првата фаза од суперлигашкото натпреварување во мак-ракометот, останувајќи без пораз на првото место во својата група. Дуелот со Пролет воедно беше и пресметка на двете најдобри екипи од групата Б, гостите од Скопје одлично парираа цели 40 минути, но немаа сили да го издржат темпото до самиот крај и заслужено бодовите останаа во Битола.

Фактот дека мечот немаше преголемо резултатско значешe и игра без преголем жар во одбраната, што овозможи многу голови на двете страни во првото полувреме. Пролет одлично се снајде во ваквата ситуација на теренот, Џонов и Палевски со леснотија го наоѓаа патот до мрежата на „пелистерци“, па скопскиот тим во голем дел од полувремето беше во водство. При предност на Еурофарм Пелистер од 14-13 тренерот Лембанов побара тајмаут, по што Пролет подобро го заврши полувремето и на одмор замина со резултат 17-18.

Пролет беше на висина на задачата и во првите десетина минути од второто полувреме, но по израмнетите 22-22 следеа четири гола во низа на „пелистерци“. Битолчани умешно ги затворија приодите кон сопствениот гол, на спротивната страна постигнаа неколку лесни погодоци, трасирајќи си го патот до победата, на крајот изразена со убедливи 37-25. Костески ги предводеше стрелците кај победничкиот тим со девет погодоци, по пет постигнаа Танкоски и Хенеберг, додека најефикасни кај Пролет беа Џонов, Палевски и Јагуриновски со по пет погодоци.

Тиквеш исто така ја заокружи оваа 2022 година со победа, откако избраниците на Данило Брестовац како гости славеа во Скопје над ГА со резултат 24-27. Кавадарчани на полувреме имаа водство од 13-14, а домашниот тим само за момент во вториот дел поведе со минимални 20-19. Следеше серија од четири гола на ракометарите на Тиквеш, кои во неизвесен финиш успеаја да ја сочуваат предноста до конечните 24-27.

Симиќ со седум и Коцев со пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец на ГА во вечерашниот пораз беше Гошевски со десет погодоци.

Се вчитува...