РК Еурофарм Пелистер 2 во сезоната 2021/21 ќе влезе посилен за четири нови имиња. Од Еурофарм Пелистер доаѓаат Благојче Трајковски, Цветан Кузманоски и Милан Ѓукиќ, а на клубот му пристапи и Андре Буторац од Голден Арт КЛ7. Сите се обврзаа на договори на една сезона.
34-годишниот Трајковски е искусен голман, поранешен репрезентативец, а пред да дојде во Битола настапуваше за Макс Струмица и Охрид. 21-годишниот Кузманоски се враќа во Еурофарм Пелистер 2 по една полусезона мината во Еурофарм Пелистер. Репрезентативното лево крило беше најдобар стрелец во Суперлигата за Струга, а се наметна и во полусезона под палката на Александар Јовиќ.
Десното крило, 35-годишниот Ѓукиќ се задомаќини во Битола, каде е од 2018 година. Претходно настапуваше во Мешков Брест, Војводина, Раднички Крагујевац, Железничар Ниш.
По една сезона во тимот на Голден Арт КЛ7, во својот роден град и матичен клуб се враќа и 19-годишниот десен бек, Андре Буторац. Тој своите први сениорски минути и натпревари ги одигра во дресот на Пелистер, а сега се враќа да го облече дресот на Еурофарм Пелистер 2- една од најмладите екипи во Суперлигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА