Еурофарм Пелистер и Вардар ќе ги одмерат силите во саботното финале од Купот на Македонија, откако битолските „фармацевти“ рутински ја оправдаа фаворитската улога на денешниот полуфинален меч со Бутел (38-23). „Пелистерци“ одиграа импресивно полуфинале во кое доминираа во однос на противникот, покажувајќи решеност викендов да се закитат со трофејот, за што на патот ќе им стои вечниот ривал Вардар.
Бутел успеа да парира само во првите петнаесетина минути, скопскиот тим оствари рано водство од 5-3, но „пелистерци“ предводени од Мандалиниќ експресно се вратија. Мечот беше израмнет само до 7-7 во 16. минута, „бутелци“ до крајот на полувремето постигнаа два гола, а нивните проблеми во нападот Еурофарм ги претвори во лесни погодоци на спротивната страна, па избраниците на Жељко Бабиќ на одмор заминаа со преубедливи 16-9.
Вториот дел донесе слична игра како и првиот, Бутел парираше добро на почетокот, но како пто одминуваше времето така и предноста на битолчани се зголемуваше. Ваквиот развој на настаните му овозможи на тренерот Бабиќ да ги повлече клучните ракометари, чувајќи ги за саботното финале со Вардар, но и „резервистите“ одлично си ја завршија работата кревајќи ја предноста до конечните „плус петнаесет“.
Маџовски беше предводник на Еурофарм Пелистер со седум гола, по шест постигнаа Периќ и Мандалиниќ, додека кај Бутел најефикасни беа Младеновски и Трифковиќ со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА