Пеколното темпо натпревари на Еурофарм Пелистер продолжува со денешното гостување во Данска против скандинавскиот гигант Алборг, дуел закажан за 20.45 часот во рамките од второто коло од Лигата на Шампионите. Јасно е дека домаќините ќе ја имаат улогата на фаворити откако во првата рунда славеа на гостински терен против Киелце, па главен предизвик за „пелистерци“ е да се најде начин да се крене формата по слабиот старт на сезоната.
Македонскиот првак најпрвин го загуби мечот од Суперкупот на Македонија од Вардар, потоа лесно беше поразен на домашен терен од Колстад, за пред три дена повторно да загуби од Вардар, овојпат во рамките од Супер-лигата.
Јасно е дека атмосферата во тимот не е на посакуваното ниво, а денешниот дуел ќе претставува тест на карактерот на „пелистерци“, кои мора да покажат квалитет на терен, желба за борба и за надигрување наместо капитулација, без оглед на конечниот исход.
„Втор натпревар по ред играме против скандинавски ривал. Не треба да се трошат зборови за Алборг. Оваа екипа неодамна играше и финале на Лигата на шампионите, а сега се засилени со ракометари како Ландин и повратникот Хансен. Верувам дека ќе се издигнеме, ќе одиграме во рамките на нашите можности и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет“, изјави тренерот Александар Јовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА