Еурофарм Пелистер ја одбрани Битола од Алкалоид

Еурофарм Пелситер стигна до втората победа во ракометниот плеј-оф откако на домашен терен славеше во дерби мечот против Алкалоид со 27-25. Скопскиот состав беше подобар во поголемиот дел од првото полувреме, но завршницата им припадна на битолчани кои ја превземаа предноста, а продолжија во ист ритам и во вторите 30. минути за „два од два“ на стартот на вториот дел од натпреварувањето.

Подоброто отварање на натпреварот од страна на Алкалоид донесе предност од два гола која избраниците на Лазаров умешно ја одржуваа, но како што одминуваа минутите Еурофарм Пелистер успеа да го најде својот ритам. Серија од 4-0 негативата од два гола ја претвори во предност од два (12-10) при самиот крај на првото полувреме, но гостите од Скопје беа оние кои поентираа последни во првите 30. минути за 13-12 на паузата.

Добриот ритам на битолчани продолжи и во второто полувреме па Еурофарм Пелистер поведе со 16-13 со што ја превзема резултатска иницијатива и овој пат ја задржа до крајот на натпреварот. „Зелено-белите“ умешно ги одбиваа налетите на „сино-белите“, a и покрај тоа што Алкалоид стигна на само „минус еден“ (26-25) во последните 30 секунди од мечот, искусниот домашен тим без проблеми ја задржа предноста.

Со по пет гола Каспер, Танкоски и Андреевич беа лидери на Еурофарм Пелистер, додека со исто толку гола на спротивната страна се истакнаа Серафимов и Илиески.

 

Се вчитува...